Во текот на вчерашниот ден започна Европското првенство 2022 во женска конкуренција, а денес репрезентацијата на Македонија, како и останатите репрезентации од Ц и Д групата ќе ги одиграат првите натпревари на континенталниот собир.
Домаќин на групата Ц ќе биде Скопје, односно СЦ „Борис Трајковски“. Македонската публика ќе има можност да гледа квалитетен ракомет и да ужива во сите три дена исполнети со по два натпревари од првата фаза.
Во групата Ц освен Македонија ќе играат и репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. Истакнат фаворит, но само на хартија, е актуелниот олимписки првак Франција, која во Скопје допатува со изменет состав во однос на Европското првенство 2020.
МАКЕДОНИЈА
Репрезентацијата на Македонија по пауза од речиси десет години повторно ќе настапи на едно големо натпреварување. Последниот настап Македонија го имаше на Европското првенство 2012 во Србија кога шампионатот го заврши уште во првата фаза со три порази. Тогаш ривали на Македонија беа репрезентациите на Данска, Шведска и Франција. Но во споредба со Европското првенство од пред десет години, ниту една од македонските репрезентативки, кои се во сегашниот репрезентативен состав, не беа дел од тогашниот состав. За младата репрезентација на Македонија ова ќе биде најголемиот предизвик, но и голем испит за покажување на сѐ она што било сработено во претходниот период. Како поискусни во македонската репрезентација се интернационалките Сара Ристовска (ЦСКА Москва), Моника Јанеска (Кастамону), Јована Саздовска (Дунареа Браила), Јована Мицевска (Ница) и Симона Маџовска (Цвикау). Во таборот на Љубомир Савевски ќе недостасуваат искусните Елена Ѓорѓиевска и Марија Штериова, како и двете младинки Теодора Дукоска и Борјана Коцева. Сите споменати ракометарки нема да настапат поради повреда. Иако ќе биде тешко, сепак, македонските репрезентативки со поддршка од публиката, која секогаш е осмиот играч, може да направат изненадување и да изборат пласман во следната фаза, но се зависи и каков ден ќе имаат ривалите на нашата репрезентација. Македонија во историја на ЕП има учествувано петпати, а најголемиот успех го постигна на Европското првенство 2008, кое се одржуваше во нашата држава. Тогаш Македонија под водство на Владимир Глигиров го освои 8 место.
ФРАНЦИЈА
Актуелниот олимписки првак на ова Европско првенство ќе атакува на висок пласман, односно на еден од трите медали. Франција на континенталниот собир ќе настапи без четирите поранешни членки на Вардар, Александра Лакрабер, Сираба Дембеле, Алисон Пино и Амандин Лејно, која во Скопје ќе ја има улогата тренер на голманите. Европското првенство ќе го пропушти повредената Мелине Ноканди. Од најискусните во француската репрезентација во Скопје ќе настапат Клеопатра Дарле, Грас Заади, Естел Нзе Минко, Паулата Фопа, Беатрис Едвиџ…па така Оливие Крумболц ќе има тим за високи дострели. Франција на Европското првенство во 2020, како и на Светското првенство во 2021 ги загуби двете финалина од Норвешка. Низ историјата на Европските првенства, селекцијата на Франција има освоено пет медали, од кои три бронзени и по еден сребрен и еден златен медал. Французинките златниот медал го освоија во 2018 година. На Европското првенство 2008, на кое Македонија беше домаќин, селекцијата на Франција беше елиминирана уште во првата фаза и континенталниот собир го заврши на 14. позиција.
РОМАНИЈА
Една од репрезентациите, кои секогаш има голем потенцијал, но никогаш не направила забележителен успех во последните десетина години е селекцијата на Романија. Со главната ракометна звеѕда Кристина Неагу, Романија секогаш претставува опасна закана за секој противник. Каков резултат ќе оствари Романија на Европското првенство најмногу ќе зависи од Кристина Неагу и Крина Пинтеа, две ракометарки со големо искуство. Деби на ЕП ќе има новиот селектор на Романија и екс тренер на ЦСКА Москва, Флорентин Пера, кој ќе сака да се покаже во солидно светло и со своите избранички да оствари солиден успех. Романија најголемиот успех на континенталните собири го има остварено на ЕП во Данска и Норвешка (2010) освојувајќи го третото место. Тоа е единствениот освоен медал на романската репрезентација на Европските првенства. На претходниот шампионат завршија на 12. позиција. Сѐ уште не е познато со каков состав ќе настапи Романија, бидејќи неколку ракометарки одбиваат да се вакцинираат.
ХОЛАНДИЈА
Една од репрезентациите кои во последните десетина година се наоѓа меѓу најдобрите е Холандија. Предводена од новиот селектор, искусниот стратег Пер Јохансон, репрезентацијата на Холандија во Скопје пристигна без неколку клучни ракометарки, ќе недостасуваат Тес Вестер, Луис Абинг, Даник Шнелдер и Мартина Смитс. Без овие четири ракометарки беше невозможно да се замисли „портокаловиот“ тим во изминатите години. Но, Холандија покажа дека има квалитет и светла иднина на пријателските натпревари од Златната лига каде беа совладани Норвешка, Бразил и Данска. Холандија првото учество на Европското првенство го имаше во 1998 година. Во 2016 година стигна до првиот медал, освои сребро, додека во 2018 го освои бронзениот медал. На последниот шампионат заврши на 6. позиција.