По поразот во финалето на Супер Глоуб турнирот, ракометарите на Барселона веднаш се вратија на победничките патеки. Славеа убедливо на тешкото гостување кај данскиот Алборг со 39-33, но победата беше обезбедена во второто полувреме.
Се играше гол за гол до 6-6, пред каталонскиот гигант за првпат да поведе со плус два преку Гомез и Циндриќ. Потоа следуваше најдобриот период на данскиот тим. Со серијата од 5 голови без одговор од Барса, Алборг направи комплетен пресврт и поведе со 11-8.
Следуваше реакцијата од клупата на шпанскиот првак, Ортега повика тајм-аут, па неговите избраници набрзина се вратија во игра и израмнија на 11-11. До крајот на полувремето ниту една од екипите не успеа да води со повеќе од еден гол, и на пауза се замина со реми, 19-19.
Алборг имаше плус два во вториот дел, 24-22, а по голот на Хансен за нерешено, 27-27 во 41. минута следуваше клучниот период. Крилата Арињо и Гомез го наполнија голот на домашните, 36-29 и веќе беше јасно дека во последните десетина минути неа да се случи камбек на Алборг.
Најдобри стрелци во редовите на европскиот шампион беа Гомез со 11 и Мем со осум погодоци, додека Нилсен и Де Варгас комбинираа 17 одбрани. Во составот на Алборг, Сандел имаше осум реализации, Бјорнсен погоди пет пати, додека Хансен само три пати од девет обиди.