Бундеслигашот Магдебург го одбрани трофејот на неофицијалното Светско клупско првенство, Супер Глоуб, откако во натпревар со 80 погодоци и продолжение од десет минути, славеше над европскиот првак Барса со 41-39. Претходно регуларниот дел заврши 35-35.
Германскиот тим имаше водство во најголемиот дел од натпреварот, а највисоката предност беше плус шест, 25-19. Но каталонскиот гигант не се откажуваше и полека ја топеше предноста.
Во последната минута избраниците на Ортега израмнија на 34-34, а следуваа по еден гол на двете страни од Мертенс и Ване за 35-35 и продолженија од по пет минути, во кои подобри беа членовите на бундеслигашот.
Претходно во битката за трето место, полскиот Келце убедливо го победи составот на Ал Ахли со 35-26.
Премијата за Магдебург е 400.000 долари, Барса заработи 200.000 долари, додека Келце носи во Полска 150.000 долари.