Машката репрезентација на Македонија е на добар пат да забележи победа на гостувањето кај Турција, откако на полувреме води со убедливи девет гола разлика, 17-8.
Можеби и по малку неочекувано, но сосема заслужено нашата селекција поведе по 13 минути игра со 9-0! Предводени од Никола Митревски на голот, Талески, Пешевски, Серафимов…погодуваа во нападот и ги казнуваа сите грешки на ривалот. Одигравме одлично, и токму тие почетни минути беа клучни.
Потоа Томовски фати пенал, а Турците го постигнаа првиот гол дури во 14. минута преку Каракоч, a потоа уште еднаш стрелаше истиот играч за 9-2. Талески зголеми на 10-2, а потоа и Манасков беше прецизен за 11-3.
Во моментите кога имавме двајца играчи помалку на теренот, Турција успеа да врзе два гола и да намали на 12-6, но Манасков веднаш зголеми на 13-6. По 14-7, следуваше уште една наша серија за 17-7 и веќе беше јасно каков меч ќе гледаме до крајот.
На пауза се замина со плус девет за Македонија, 17-8, а најдобри стрелци во нашиот тим беа Манасков со четири и Јагуриновски и Талески со по три гола. Голманот Митревски имаше шест интервенции, а Томовски една.