„Турција калкурираше со Португалија, нивната шанса ќе ја бараат против Македонија“

Машката репрезентација на Македонија имаше победнички старт во квалификациите за Европското првенство 2024 година. По убедливиот триумф над Луксембург, селекцијата на Македонија утре патува во Турција на вториот меч.

Селекторот Кире Лазаров за натпреварот против Турција нема да може да смета на Марко Стојковиќ. Кружниот напаѓач заработил повреда во натпреварот против Луксембург и нема да биде во можност да настапи на вториот квалификациски натпревар.

Лазаров е оптимист за натпреварот против незгодната репрезентација на Турција и се надева дека ќе може да смета на искусниот Дејан Манасков.

„Треба во текот на денот да одлучам со кој состав ќе патуваме. Имаме еден повреден играч од натпреварот против Луксембург, тоа е кружниот напаѓач Марко Стојковиќ и тој најверојатно останува во Скопје. Со Дејан Манасков треба да го одработиме последниот денешен тренинг. Покажува позитивни знаци и се надевам дека ќе ни се приклучи и како еден од поискусните играчи ќе даде еден квалитетен настап, бидејќи е еден од ретките, кој е поискусен, но и повозрасен. Репрезентацијата е во добра состојба, тренираме и работиме добро, има една позитивна атмосфера. Јас, не сакам да зборувам пред време, но можам да кажам дека ќе одиграме квалитетен натпревар. Сепак, треба да бидеме претпазливи, ова е една нова Македонија, нова генерација, играме на гостински терен и сигурно ќе играме пред полни трибини. Работите сега за сега се одвиваат добро, имам позитивни вибрации и се надевам на добар натпревар“, изјави Лазаров.

Турција на првиот квалификациски натпревар беше убедливо поразена од Португалија со 44:27.

„Португалија е квалитетна репрезентација, можеби во најдобрите пет-шест репрезентации во Европа. Ракометарите на Турција мислам дека калкулираа, беа свесни дека нема што да бараат во Португалија и својата шанса ќе ја бараат против Македонија на домашен терен, тие два бода би и значеле многу. Мислам дека и стратегиски, тактички, физички, психолошки ќе одговориме добро. Но, едно е да се каже и сето тоа треба да го одработиме на жешкиот терен во Турција“, заврши Лазаров.

Двобојот меѓу Турција и Македонија се игра во градот Ван в недела на 16 октомври со почеток во 16:00 часот.