Македонките од Локомотива Загреб се израдуваа на нова победа

Екипата на Локомотива Загреб, во која настапуваат трите репрезентативки на Македонија, Леонида Гичевска, Сања Дабевска и Андреа Седлоска, по поразот во Лигата на шампионите од Ѓер, се израдува на нова победа во шампионатот на Хрватска.

Во рамки од 5. коло од тамошниот шампионат, составот на Локомотива Загреб на свој терен славеше против незгодниот состав на Дуго Село со три гола разлика, 26:23. Хрватскиот шампион победата ја обезбеди уште по првото полувреме, кое го доби со 16:9.

Ракометарките од Македонија во натпреварот против Дуго Село имаа солидна минутажа. Гичевска постигна два гола од четири обиди, додека кружниот напаѓач Сања Дабевска постигна еден гол, но одлично ја заврши својата задача во одбраната. Седлоска не успеа да се запише во листата на стрелци.

Локомотива Загреб со новата победа, моментално, се наоѓа на првата позиција на табелата со десет бода, додека второпласираниот Сплит на свое конто има осум бода.

Избраничките на Ненад Шоштариќ овој викенд, поточно на 15 октомври на гости кај турскиот шампион Кастамону ќе ги бараат првите бодови во Лигата на шампионите. Тимот на Локомотива Загреб сѐ уште нема обезбедено победа во најквалитетното европско натпреварување.