Ракометарите на ПСЖ ја забележаа третата победа во годинешната сезона во Лигата на шампионите, откако пред својата публика го совлада Загреб со 40:31, во натпревар од 4. коло од групата А.
Домаќинот по пет минути игра даде четири гола и поведе со 4:1. Избраниците на Ивица Обрван се обидуваа да фатат приклучок и да бидат рамноправен противник во дуелот против најбогатиот европски клуб, но немаа доволно сили за да направат нешто повеќе и уште во првите 30 минути се помирија со поразот.
Хрватскиот шампион за момент намали на 6:5 и во останатиот дел од првото полувреме расположените домаќини лесно стигнуваа до погодок, ја казнуваа секоја грешка на гостинот и со добро организирани напади доаѓаа до сигурна реализација.
ПСЖ од минута во минута ја зголемуваше предноста, кон средината на првото полувреме имаше водство од 10:6, потоа дојде и до плус пет гола разлика, 12:7, и до крајот на првото полувреме успеа во мрежата на Загреб да постигне уште 10 гола и на полувреме да замине со убедлива предност од 22:14.
Тренерот на ПСЖ, Раул Гонзалез во вториот дел ја измеша поставата и шанса за настап добија останатите ракометари од клупата на домаќинот. Загреб ја искористи опуштеноста во таборот на домаќините и на дваесетина минути пред крајот успеа да намали на 28:21 надевајќи се дека може да ја преполови високата негатива.
Домаќините целосно се опуштија во последниот период од натпреварот, а „плинарите“ за момент намалија на пет-шест гола разлика. Сепак, тимот на Гонзалез повторно влезе во брз ритам и рутински ја заврши денешната задача против хрватскиот шампион.
Најефикасен во победничкиот табор беше Камил Шипжак со девет гол од десет обиди. Кај Загреб листата на стрелци беше предводена од Тимур Дибиров и Чама Лејметер со по четири гола.