Екипата на Алборг се врати на победите во Лигата на шампионите и во натпревар од 4. коло од најквалитетното клупско натпреварување дојде до триумф на гостувањето во Унгарија против ПИК Сегед со 41:29.
Домаќините тргнаа супериорно во дуелот против Алборг, поведоа со 3:0 во воведниот дел и во понатамошниот тек беа во водство, но без голема комоција во играта. Данскиот вицепрвак најчесто преку Хансен доаѓаше до реализација и не дозволуваше домаќинот да направи сериозна резултатска предност. ПИК Сегед водеше со 4:1, потоа имаше повторно плус три гола разлика во 10 минута, 7:4.
ПИК Сегед на моменти успеваше да се одлепи на два гола разлика, но Алборг секогаш доаѓаше до израмнување на резултатот. Алборг во последните пет минути од првиот дел го сврти резултатот во своја корист и по нерешените 13:13 со голот на Хоксер за првпат поведе со 14:13. До крајот на првиот дел Алборг беше подобриот противник на теренот и на пауза резултатот гласеше 17:15 за гостите од Данска.
Гостинот за неколку минути игра во второто полувреме се одлепи на 20:15 и до крајот на натпреварот не дозволи домаќините да направат камбек и да се вратат во игра. Ниту голманите на ПИК Сегед, Алиловиќ и Миклер не помогнаа многу, па така ПИК Сегед немаше многу опции да дојде до пресврт.
Во 40 минута резултатот беше 26:20 за Алборг и тука беше јасно кој ќе ги освои денешните бода од оваа средба. Во последниот период од натпреварот ПИК Сегед целосно капитулираше, додека Алборг со неколку брзи гола само ја зголеми разликата за поубедлива победа од 41:29.
Најефикасни во победничката екипа беа Себастијан Бартхолд и Микел Хансен со десет погодоци, а по шест реализации имаа Мадс Хоксер и Кристијан Бјорнсен. Во екипата на ПИК Сегед се истакна Марио Шоштариќ со шест гола.