Екс вардарецот ќе дебитира за Романија

Машката ракометна репрезентација на Романија ќе биде посилна со уште еден искусен ракометар. Станува збор за поранешниот ракометар на Вардар, Анте Кудуз, кој, моментално настапува за романскиот шампион Динамо Букурешт и за околу една недела ќе го има својот деби настап за романската селекција.

За да нема проблеми со правилото во домашното првенство кое ги обврзува машките тимови во Романија да имаат моментално двајца романски играчи на теренот од 8-те задолжителни за игра, екс ракометарот на „црвено-црните“ пред извесен период доби романско државјанство и стана потенцијален репрезентативец на Романија.

Денес, тренерот на Динамо Букурешт и воедно селектор на Романија, Чави Пасквал за квалификациските натпревари против Австрија и Украина за пласман на ЕП 2024 го повика и Анте Кудуз. Левиот бек се најде на скратениот список кај Пасквал, кој што е составен од 21 играч, и многу е веројатно дека ќе биде во романскиот состав за првите два квалификациски натпревари.

Ракометарот од Хрватска не добиваше шанса во репрезентацијата на неговата татковина, иако, покажуваше солидни партии на клупско ниво. Левиот бек учествуваше во квалификациските натпревари за Европското првенство во 2020, беше на поширокиот список за учество на континенталниот собир во споменатата година, но, никогаш не доби вистинска прилика да го покаже својот потенцијал во дресот на „коцкестите“.

Романија за пласман на ЕП 2024 ќе се бори и со репрезентацијата на Фарски Острови. Избраниците на Пасквал на 13 октомври во Грац ќе играат против Австрија, додека три дена подоцна, односно на 16 октомври во Букурешт ќе ја пречекаат Украина. Реванш натпреварите против Австрија и Украина, како и двобојот со Фарски Острови ќе ги одиграат во 2023 година.