Ракометарите на Кичево во натпревар од 3. коло од Првата лига ја забележаа третата победа во новата натпреварувачка сезона, откако на свој терен го совладаа дебитантот, Овче Поле, со девет гола разлика, 32:23.
Гостите од Свети Николе до првата половина од првиот дел ја диктираа играта на теренот и беа тимот, кој што беше во резултатска предност од еден-два гола разлика. По нерешениот резултат од 2:2, ракометарите на Овче Поле со два гола во низа се одлепија на 4:2 и до 15 минута беа во водство.
Домаќините заигра поангажирано во последниот период од првиот дел и откако гостинската екипа имаше предност од 7:6, избраниците на Сарџоски израмнија на 7:7, потоа поведоа со 8:7 и до крајот на првото полувреме целосно го надиграа гостинскиот состав. По 30 минута игра резултатот беше 14:11 за тимот на Кичево.
Стефаноски и Стојчески на стартот на второто полувреме беа прецизни за највисокото водство на домаќинот од пет гола разлика, 16:11. Овче Поле единствено преку најекспонираниот Крстев се обидуваше да фати приклучок и да се врати во игра.
Гостинскиот тим на дваесетина минути пред крајот израмни на 18:18 и во остаантиот дел немаше многу сили да направи нешто повеќе. Кичево со серија од 4:0 се одлепи на 22:18 и во последниот период неговата предност постојано растеше за највисоки девет гола разлика.
Најефикасен во победничката екипа беше Андреј Кочоски со пет гола, додека по четири постигнаа Дарко Јаневски, Ѓорѓи Јовановски и Иван Никодиновски. Во поразениот табор се истакна Димитрија Крстев со осум гола.