Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес ги објави групите за европскиот квалификациски циклус за пласман на Светското младинско првенство 2023, кое ќе се одржува во Германија и Грција.
Репрезентациите на Италија, Полска, Хрватска, Норвешка и Црна Гора, кои што завршија од 12 до 16 место на младинското ЕП во Португалија ќе играат во квалификацискиот циклус заедно со двата победници од младинските ЕХФ шампионати – Израел и Чешка.
Во првата квалификациска група ќе играат репрезентациите на Хрватска, Италија, Црна Гора и Израел, додека репрезентациите на Полска, Норвешка и Чешка ќе се борат во втората квалификациска група. Квалификациите од европскиот квалификациски циклус ќе се одржат во периодот од 2 до 11 јануари, 2023, и најдобрите две репрезентации ќе обезбедат пласман на Светското младинско првенство во Германија и Грција.
Директно место на младинскиот Мундијал обезбедија и најдобрите десет селекции од младинското ЕП од Португалија. Тоа се репрезентациите на Шпанија, Португалија, Србија, Шведска, Унгарија, Франција, Данска, Словенија, Фарски Острови и Исланд. Од Африканското првенство билет на младинскиот Мундијал 2023 обезбедија репрезентациите на Ангола, Египет, Тунис и Алжир, додека од Азија на Мундијалот за младинци ќе играат уште Бахреин, Јапонија, Кувајт и Саудиска Арабија. Во следниот период ќе бидат познати уште четири репрезентации од Јужна и Централна Америка, како и уште две селекции од Северна Америка и Кариби.
Дополнително, ИХФ треба да одлучи како ќе ги пополни празните места. Досега е позната распределба на 28 места, бидејќи уште две места треба да им припаднат на освојувачите на ИХФ трофејот во Океанија и ИХФ трофејот за европските селекции што ќе се игра во Коосво.
Остануваат уште две празни места кои ИХФ веројатно ќе ги додели како вајлд-карти. Младинската селекција на Македонија имаше можност да стигне до СП преку ЕХФ шампионатот во Варна, но таму го освоивме петтото место, па сега може да се надевам само на вајлд-карта.
Светското првенство во Германија и Грција ќе се одржи од 22 јуни до 2 јули, 2023 година.