Селекторот на Турција, Окан Халај денес го објави списокот на ракометари за првите два дуели од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година, кое ќе се одржи во Германија.
Турција во квалификациите се наоѓа во група со Македонија, Португалија и Луксембург и својата шанса за учество на континенталниот собир во Германија ќе ја бара токму во дуелите со Македонија и Луксембург.
На списокот кај селекторот Окан Халај партиципираат 24 ракометари и по подготвителниот период ќе биде одлучено кои 16 играчи ќе се најдат за првите два дуели во квалификациите против Португалија, односно Македонија. Турција подготовките за првите два квалификациски дуели ќе ги одработува во Анкара.
Поголемиот дел од повиканите ракометари играа на Медитеранските игри во Алжир каде што беа убедливо поразени од Македонија. Меѓу повикание ракометари се најде и членот на Охрид, Халил Озтурк.
Ракометарите на Турција на 13 октомври силите ќе ги одмерат против Португалија на гостински терен, додека на 16 октомври пред својата публика ќе играат против Македонија. Пласман на Европското првенство 2024 ќе обезбедат првите две селекции од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации од 8-те групи.