Илиќ ги „чуваше“ Елисон и Маргуч за Еурофарм Пелистер

Унгарскиот великан Веспрем синоќа играше натпревар од домашното првенство, денеска ќе допатува во Задар, а утре ќе се соочи со Еурофарм Пелистер во полуфиналето на СЕХА лигата.

Тренерот на Веспрем, Момир Илиќ, на средбата што неговиот тим ја доби против Балатонфуреди не ги стави во ростерот крилата Бјарки Мар Елисон и Гашпер Маргуч.

Веспрем славеше без проблеми со 35-24, иако Балатонфуреди често знае да му направи проблеми на гигантот.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога Веспрем водеше со 21-12, а вториот дел беше изедначен.

Најдобри стрелци во унгарскиот тим беа Пешмалбек со седум гола и Вајлупов со пет погодоци, додека по четири пати стрелаа Јахја, Лукач и Мае.