Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре патуваат за хрватскиот град Задар, каде што ги очекува вистински предизвик со настапот на завршниот турнир во СЕХА лигата.
Левиот бек Емилијан Ѓорговски вели дека сега во тимот има голема хармонија и се подготвени за големиот предизвик.
„Ги почнав подготовките со првата екипа и таму останав. Напорно трениравме во Маврово, а потоа го освоивме Струшкиот турнир. Потоа минавме еден период на тренинзи пред мечот со Мешков Брест, на кој добив минутажа и одиграв колку што можев максимално. Победивме на тој натпревар и сега сме првпат на Ф4 во Задар. Се гледа дека во тимот има поголема хамонија, повеќе дружење и поголема борбеност“, вели Ѓорговски.
Ривал на Еурофарм Пелистер ќе биде унгарскиот Веспрем, кој ќе ја брани титулата освена лани.
„Веспрем е великан, бранител на титулата во СЕХА лигата, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да го добиеме тој натпревар“, заврши Ѓорговски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Веспрем се игра в петок во спортскиот центар „Вишњик“ во Задар од 20:30 часот.