По настапот на Струшкиот турнир, ракометарите на Вардар ги очекува првиот официјален натпревар во новата сезона.
Ривал ќе биде хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице во четвртфиналето од регионалната СЕХА лига.
Тренерот Владо Недановски очекува добар резултат.
„Струшкиот турнир го искористивме за подготовка за дуелот со Нексе во СЕХА. Имавме добри и лоши моменти, сите добија шанса, а видовме кои играчи можат да понесат поголем товар. Нексе е добар тим, кој пред неполни два месеци играше на Ф4 во Лигата на Европа. Ростерот е речиси ист, воиграни се и играат добар ракомет. Речиси секоја година играме со нив играме по два натпревари, оваа сезона двапати губевме од нив. Анализата е направена, иако немавме премногу видеа бидејќи играа натпревари од затворен тип. Се надеваме на добар резултат“, вели Недановски.
Најновото засилување Марко Добрковиќ имаше минутажа на Струшкиот турнир.
„Добрковиќ е младо момче ое има 18 години, а од него видовме многу добри работи со скромна минутажа. Тој е талентиран ракометар, кој во иднина може да биде подобар и подобар. Има моменти кога играме добро, ама ротацијата е најголем проблем и тоа најмногу ме загрижува. Да бидеме искрени, имаме играчи кои не добивале воопшто минутажа во минатите сезони, мора да имаме трпение сите за овој тим да расте во иднина, да се даде шанса на тие момци за кои сметам дека имаат потенцијал да прикажат многу повеќе“, изјави Недановски.
Натпреварот меѓу Вардар и Нексе ќе се игра утревечер во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.