Продолжуваат полемиките во Романија: Сега тренерите ќе им посветуваат повеќе внимание на домашните играчи!

Во Романија, моментално, се водат дебати за заострување на правилото за бројот на странски играчи во колективните спортови. За потсетување, пред извесен период, министерот за спорт и млади на Романија, Едуард Новак потпиша одлука според која од сезона 2022/23 сите клубови од сите колективни спортови во Романија (освен фудбалските) мора да имаат најмалку 40% домашни играчи.

Ваквата мерка е донесена за поголема поддршка на романските играчи кои во последните неколку години не добиваат минутажа поради големиот број на странски играчи во романскиот шампионат. Одлуката на Новак предизвика поделба кај романските клубови, речиси најголемиот дел од екипите со висок буџет и со голем број на странски играчи не се согласувааат со ваквата одлука, а помалите клубови ја поддржуваат.

Очекувано главен бранител на новото правило беше познатиот тренер Георге Тадичи, кој, моментално ја предводи екипата на Залау и кој е познат на европската ракометна јавност по нетолерантен однос кон странските играчи во романскиот спорт. Романскиот портал „Fanatik.ro“ објави дел од писмото на Георге Тадичи за поддршка на одлуката на Новак.

„Одлуката нема да има никакво влијание во машкиот ракомет, бидејќи веќе две сезони го имаме правилото според кој секој тим е должен да има осум романски играчи во извештајот за секој натпревар, од кои двајца мора да бидат постојано на теренот во сите 60 минути. Мерката има минимално влијание врз женскиот ракомет, бидејќи сите клубови имаат по седум-осум романски ракометарки во својот состав. Сега тренерите на секоја екипа ќе бидат обврзани да ги тренираат и да им посветат поголемо внимание и да ја зголемат нивната вредност. Оваа мерка треба итно да се спроведе за да се подобрат резултатите на репрезентациите за Олимписките игри во Париз. Исто така, во последните 2 години континуирано се разговараше за спроведување на вакви мерки во женскиот ракомет и клубовите беа советувани за оваа можност”.

Екс селекторот на романската репрезентација даде неколку предлози за клубовите кои нема да го почитуваат новото правило.

„Доколку клубовите не го почитуваат воведеното правило, тогаш финансиите исплатени од државниот буџет би требало да бидат ограничени за играчите на овој тим. Исто така, можно е да се внесе односот на учеството на државата во буџетот на клубот со бројот на романски играчи, кои се регистрирани во тој тим. На пример, ако 80% од буџетот на клубот е финансиран од државата, тогаш 80% од играчите во тимот мора да имаат романски пасош”.

ЧСМ Букурешт за сезона 2022/23 ќе има на располагање 12 ракометарки од странство, романскиот шампион, Рапид Букурешт 10 интернационалки, Олчим Валчеа осум, додека екипата која во изминатата сезона заврши на 7. позиција во романскиот шампионат, Дунареа Браила, дури 14.

Ригорозна одлука: Романските клубови мора да имаат најмалку 40% домашни играчи во состав!