Екс репрезентативецот на Југославија и Хрватска, Ненад Кљаиќ, кој со хрватската репрезентација го освои златниот медал на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, во својата тренерска кариера ќе има нов предизвик.
Кљаиќ во новата натпреварувачка сезона ќе го предводи тимот на Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати, пренесува специјализираниот хрватски портал „Спортске новости“.
Легендата на хрватскиот ракомет во својата кариера ги предводеше екипите на Олимпијакос, Ал Рајан и Загреб, а на репрезентативно ниво во два наврати беше селектор на машката сениорска репрезентација на Саудиска Арабија.
Кормилото на Саудиска Арабија го предводеше во период од 2012 до 2013 година и од 2015 до 2019 година. Од 2004 до 2005 година беше асистент во хрватската репрезентација.
Освен злато од Олимписките игри во Атланта, Кљаиќ во својата играчка кариера има освоено бронзен медал од Европското првенство 1994, кое се одржуваше во Португалија и златен медал од Медитеранските игри од Франција (1992).