„Се надевам дека нема да играм по 60 минути на секој натпревар“

Пред извесен период, министерот за спорт и млади на Романија, Едуард Новак потпиша одлука според која од сезона 2022/23 сите клубови од сите колективни спортови во Романија (освен фудбалските) мора да имаат најмалку 40% домашни играчи.

Ваквата мерка е донесена за поголема поддршка на романските играчи кои во последните неколку години не добиваат минутажа поради големиот број на странски играчи во романскиот шампионат.

Одлуката на романскиот министер за спорт и млади, која предизвика негативни реакции кај поголемиот дел на романските суперлигаши, веќе беше објавена во Службен весник и ќе се применува во следната сезона, односно при стартот на романскиот шампионат во машка и женска конкуренција кој започнува во септември.

Ракометарката на ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу ја критикуваше одлуката на романскиот министер за спорт и млади, истакнувајќи дека е донесена многу доцна. Неагу се надева дека нема да игра по 60 минути на секој натпревар во романскиот шампионат, бидејќи во нејзиниот тим има само седум домашни ракометарки.

„Се надевам дека нема да мора повторно да играм по 60 минути на секој натпревар. Да видиме како ќе се спроведе оваа одлука. За нас ова е доста тешко, особено што промената беше најавена дури пред стартот на сезоната. Клубовите немаа време да се подготват за ова, да направат други трансфери и да ги комплетираат своите ростери. Комплицирано е многу. Мислам дека одлуката дојде многу доцна. Јас сакам да бидам здрава, тоа е најважно, за да можам да играм, да дадам сѐ од себе и да му помогнам на мојот тим”, изјави Неагу за романскиот портал „ГСП“.

Ригорозна одлука: Романските клубови мора да имаат најмалку 40% домашни играчи во состав!