Денес во Португалија продолжија натпреварите од главната фаза, како и натпреварите за разигрување за пласман од 9 до 16 место. Репрезентацијата на Италија беше на чекор до нова сензација, по онаа против Исланд во групната фаза, но во денешниот натпревар против Хрватска одигра само реми, 25:25 (13:8).
Репрезентацијата на Италија имаше напад за победа, останаа само десетина секунди, во кој мораше да се оди на сигурен напад, но ракометарите на Италија не успеаја да организираат успешна акција, со која ќе освоија два важни бода за подобар пласман на младинскиот континентален собир.
Одлична партија во репрезентацијата на Италија одигра десниот бек Томас Бортоли, постигна девет погодоци од 12 обиди. Голманите на Италија немаа свој ден, сите тројца голмани запишаа вкупно седум интервенции.
Голманот на Хрватска и член на Нексе, Доминик Кузмановиќ натпреварот го заврши со 13 интервенции. Најефикасни кај „коцкестите“ беа Марин Божичевиќ, Јаков Дујиќ и Патрик Хршак со по пет погодоци.