„Лавиците“ примија само седум гола во вториот дел – имаа успешна проверка пред евро-испитот

Македонскиот шампион Ѓорче Петров имаше добра проверка пред стартот на европската авантура. „Лавиците“ славеа над новиот суперлигаш Атлетик со 32-20 и сега имаат четири од четири во Супер женската лига.

Но избраничките на Славиша Димитријески мораа добро да се испотат во првиот дел кога гостинките пружија силен отпор, а дури и водеа на паузата со 13-12, но во вториот дел работите си дојдоа на свое место и домашните покажаа дека се класа повисоко.

Во составот на шампионот не беа Коларовска, Николиќ, Велкова, Јовановиќ…шанса добија кадетските репрезентативки Филимановски, Глогуновска, Сулејмановска…

Нападот на Атлетик немаше многу решенија во второто поувреме, сите нивни грешки беа казнувани со лесни голови преку Ризоска и Вранчиќ, па предноста на Ѓорче Петров само растеше до конечните плус 12.

Ризоска имаше девет гола, Вранчиќ седум во победничкиот состав, додека кај Атлетик се истакнаа Богојеска и Дишковска со по пет реализации.

Следен предизвик за Ѓорче Петров ќе бидат натпреварите од Лигата на Европа против чешкиот тим Бањик Мост.