Европската ракометна федерација подготвува сериозна реформа на репрезентативниот ракомет. Од 2030 година ќе стартуваат „Европските игри“, а уште поважно за Македонија - сегашниот систем на баражи за Светските првенства треба да биде заменет со лигашки систем по примерот на фудбалската Лига на нации.
Европскиот ракомет во следните години го очекуваат големи промени, а дел од нив директно ќе се однесуваат и на Македонија. Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, ги откри следните чекори во развојот на клупските и репрезентативните натпреварувања, меѓу кои посебно место имаат новите „Европските игри“, но и целосно новиот систем на европските квалификации за Светските првенства.
За Македонија особено интересна е најавата дека класичниот бараж систем за пласман на Светско првенство треба да замине во историјата. ЕХФ веќе го потврди правецот – квалификациите за СП 2031 треба да се играат преку лигашки систем организиран во три нивоа, со концепт сличен на фудбалската Лига на нации.
Според ЕХФ, целта е репрезентациите да добијат повеќе квалитетни натпревари на домашен терен, да се зголеми конкурентноста и интересот, но и комерцијалната вредност на репрезентативниот ракомет.
„Заедно со Европските ракометни игри ќе биде воведен и нов пристап кон европските квалификации за Светското првенство, сличен на Лигата на нации на УЕФА. Сакаме националните федерации да добијат повеќе квалитетни натпревари на домашен терен“, објасни Видерер.
Токму ова е важна информација за Македонија, која во последните години редовно минува низ квалификациски и бараж двомечи во обидите да обезбеди настап на големите натпреварувања. Новиот концепт би значел поинаков пат до мундијалите и поголем број натпревари наместо сегашниот систем во кој многу често две средби решаваат сè.
Сепак, деталите за распределбата на репрезентациите во трите нивоа, начинот на напредување и испаѓање и точниот квалификациски механизам допрва треба да бидат официјализирани. ЕХФ најави дополнителни состаноци со националните федерации и другите засегнати страни во Виена во октомври.
Ново големо натпреварување од 2030 година
Уште една голема новина ќе бидат „Европските игри“, чие прво издание е закажано за втората половина на септември 2030 година.
На турнирот треба да учествуваат осумте најдобри машки и осумте најдобри женски репрезентации во Европа. Машките и женските селекции ќе играат паралелно во текот на шест дена, со наизменични натпреварувачки денови, слично на концептот што се применува на Олимписките игри.
ЕХФ веќе преговара со потенцијални организатори и модерни арени за домаќинство на премиерното издание, а Видерер најавува спектакл.
„Тоа ќе биде недела на врвен ракомет – прослава на нашиот спорт, многу повеќе од обичен ракометен турнир. Ќе биде вистински ракометен фестивал“, вели претседателот на ЕХФ.
Влогот ќе биде исклучително голем. Планот на ЕХФ е преку новото натпреварување да се доделува директното европско место за Олимписките игри.
За Македонија тоа отвора уште една потенцијална цел во иднина – пласман меѓу најдобрите осум европски селекции кои ќе имаат право да бидат дел од новиот елитен турнир. Сепак, точниот квалификациски систем за „Европските игри“ сè уште не е јавно објавен.
Промени се подготвуваат и во Лигата на шампионите
ЕХФ размислува и за дополнителни промени во клупскиот ракомет. Иако од сезоната 2026/27 Лигата на шампионите веќе се прошири на 24 екипи, федерацијата го анализира новиот систем и собира мислења од клубовите.
Во план е и создавање инвестициски фонд за понатамошен развој на Лигата на шампионите. Средствата би се насочувале кон инфраструктура, арени, натпреварувачкиот систем и финансиската распределба меѓу клубовите.
Планот предвидува 30 проценти од евентуалниот вишок средства да бидат поврзани со инвестиции во стратешкиот развој и идното позиционирање на клупските натпреварувања.
Првите нови мерки би можеле да бидат предложени пред Извршниот комитет на ЕХФ во декември, а нивната примена е можна од сезоната 2027/28.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
По примерот на фудбалот: ЕХФ воведува „Лига на нации“, квалификациите за СП во нов формат
























