Веспрем е новиот светски клупски шампион. Унгарскиот тим ја совлада Барселона со 42-33 (22-16) во финалето во Каиро и по една година го врати пехарот во своите витрини.
Ланското финале меѓу истите ривали беше решено дури по две продолженија, кога Барселона славеше со 31-30. Овојпат неизвесноста траеше многу пократко. Веспрем рано ја презеде контролата, а и кога каталонскиот тим се доближи на два гола, со силна завршница на првото полувреме замина на пауза со предност од шест погодоци.
Барселона не најде начин да го запре нападот на противникот ниту во продолжението. Веспрем го задржа темпото и стигна до убедлива победа со девет гола разлика – највисока во нивните меѓусебни пресметки. Унгарскиот состав реализираше 42 од 52 шута, а постигна и седум гола од контранапад.
Уго Деска беше најефикасен со десет гола, Недим Ремили постигна осум, а Иван Мартиновиќ пет. Кај Барселона се истакна Тимотеј Нгесан со девет погодоци.
Посебна приказна во финалето беше голманот Емил Нилсен. Минатата година тој со 27 одбрани ѝ помогна на Барселона да го победи Веспрем во мечот за титулата, а летово се пресели во унгарскиот клуб и сега го слави трофејот на спротивната страна.
Дел од стручниот штаб на Веспрем е и македонскиот физиотерапевт Димитар Маневски. За него ова е петти медал од светските клупски првенства: две бронзи со Вардар, во 2017 и 2019 година, а со Веспрем злато во 2024, сребро во 2025 и уште едно злато годинава.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























