Германскиот Гумерсбах, кој е ривал на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите, веќе го склопува ростерот за сезоната 2027/28 и го договори своето прво засилување.
Од следното лето дресот на германскиот клуб ќе го носи исландскиот репрезентативец Ори Торкелсон, кој пристигнува од португалскиот гигант Спортинг Лисабон.
27-годишното лево крило потпиша договор со Гумерсбах до 2029 година, а во составот на тренерот Гудјон Валур Сигурдсон ќе го замени Милош Вујовиќ, чиј договор истекува на крајот од актуелната сезона.
Тренерот на Гумерсбах добро го познава Торкелсон и од репрезентативните собири, а особено го истакна неговото искуство во Лигата на шампионите.
„Со Ори добиваме помлад играч со искуство во Лигата на шампионите од Спортинг. Како Исланѓанец, секако, многу добро го познавам. Тој е репрезентативец и има искуство од големи натпреварувања. Многу сме среќни што одлучи да ни се приклучи“, додаде Сигурдсон.
Торкелсон својата ракометна кариера ја започна во Хаукар Хафнарфјордур, каде ги помина сите младински категории. Во 2021 година направи трансфер во норвешкиот гигант Елверум, каде стекна значајно меѓународно искуство.
Од 2023 година е член на Спортинг, со кој се етаблираше како еден од важните играчи во тимот. Со португалскиот клуб освои три последователни шампионски титули, како и Купот на Португалија.
За исландската сениорска репрезентација дебитираше во 2020 година против Литванија, а досега настапуваше и на големите натпреварувања. Беше дел од Исланд на Светското првенство 2025 и Европското првенство 2026.
„Имав прекрасно време во Спортинг, каде што многу напредував и како човек и како спортист. Заедно постигнавме многу големи успеси. Сега почувствував дека е вистински момент во кариерата да направам следен чекор и да прифатам нов предизвик“, изјави Торкелсон.
Исланѓанецот откри дека настапот во Бундес лигата бил негова желба уште од детството.
„Уште од мал сонував да играм во Бундес лигата. Кога Гумерсбах ме контактираше, веднаш бев заинтересиран. Тоа е добар тим и многу амбициозен проект кој се движи во одлична насока“, додаде новото засилување.
Од друга страна, по четири сезони ќе заврши соработката меѓу Милош Вујовиќ и Гумерсбах. Црногорското лево крило пристигна во клубот во 2023 година од Фуксе Берлин и во изминатите години беше стандарден дел од тимот на Сигурдсон.
























