Најтрофејниот црногорски клуб Будуќност за новата сезона ангажираше ново засилување во своите редови. Станува збор за Ванеса Аговиќ, која во клубот од Подгорица настапуваше две сезони, 2015/16 и 2016/17.
Природна позиција на Аговиќ е среден бек, но може да одигра и на сите бековски позиции. Ракометарката, која по потекло е од Беране и е ќерка на прославената репрезентативка на Црна Гора, Маја Савиќ, ги мина сите младински категории во црногорската репрезентација.
Во својата кариера настапуваше и за младинскиот тим на Шлагелсе и Виборг, а во Црна Гора освен за Будуќност играше и за Даниловград, тим со кој учествуваше во Женската регионална лига и во рамки од ЕХФ Купот. Го носеше дресот и на Елблаг од Полска, Кастамону од Турција…Поради големата конкуренција во сениорската репрезентација на Црна Гора, Аговиќ секогаш беше во сенка на големите црногорски звезди.
Будуќност за следната сезона се засили и со јуниорската репрезентативка на Бугарија, Мари Пламенова Томова, црногорската репрезентативка, Милена Раичевиќ и ракометарката од Бразил, Андриана Кардосо де Кастро.
Во новата сезона од Лигата на шампионите, Будуќност ќе игра во група Б заедно со Ѓер, Рапид Букурешт, Мец, Сторхамар, Есбјерг, Кастамону и Локомотива Загреб.