Денеска во Варна (Бугарија) продолжија натпреварите од првиот ЕХФ шампионат за ракометари до 20 години. За потсетување, младинската селекција на Македонија ќе биде дел од истото вакво натпреварување кое ќе стартува на 16 јули и ќе се игра до 24 јули.
Беа одиграни вкупно четири натпревари, по два од групата А и Б. На денешните натпревари победа остварија репрезентациите на Австрија, Словачка, Чешка и Финска.
Во првата група, репрезентацијата на Австрија ја декласираше Турција со 32:18 (15:11), додека Словачка ја изненади Грузија со триумф од 38:34 (17:15).
Домаќинот, Бугарија, доживеа уште еден пораз, овој пат од репрезентацијата на Чешка со три гола негатива, 23:26 (10:12), во натпревар од групата Б. Во споменатата група, Финска ја оствари првата победа, откако ја совлада Летонија со еден гол разлика, 25:24 (11:10).
Шампионите од ова натпреварување ќе обезбедат место на Светското првенство за младинци во Хрватска следната година.