Репрезентациите на САД и Гренланд ќе се борат за место на Светското првенство во 2023 година, кое ќе се одржува во Полска и Шведска.
Една од двете репрезентации ќе биде можен ривал на избраниците на Кире Лазаров во првата фаза од Мундијалот, кој ќе се игра во јануари.
САД и Гренланд ќе играат во финалето од ракометниот шампионат на Северна Америка и Кариби и ќе се борат за мундијалски билет. На споменатиот шампионат, само првопласираната репрезентација обезбедува пласман на Мундијалот во 2023 година, додека второпласираната останува без место на Светското првенство.
Репрезентацијата на Куба, која на шампионатот на Северна Америка и Кариби настапи без стандардните репрезентативци, меѓу нив беше и членот на Вардар, Куни Моралес и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Реине Табоада, уште долго ќе чека за учество на Светското првенство, откако заврши на последното место.
Победникот од финалниот натпревар меѓу САД и Гренланд ќе се најде во четвртиот шешир пред ждрепката за групите на СП и ќе стане можен ривал на репрезентацијата на Македонија.
Светското првенство во Полска и Шведска ќе се игра од 12 до 29 јануари, 2023 година. Бранител на титулата ќе биде репрезентацијата на Данска.