Една од легендите на шпанскиот ракомет, Рубен Гарабаха, кој на почетокот на минатата сезона беше ангажиран како помошник на Роберто Гарсија Парондо во машката сениорска репрезентација на Египет, во следната сезона повторно ќе има нов предизвик.
Некогашниот ракометар на Барселона, Ла Риоха и Ваљадолид, е назначен за нов тренер на Синфин, клуб кој успеа да избори опстанок во Асобал лигата, откако во бараж дуелот беше подобар од екипата на Хорнео Аликанте.
Екс репрезентативецот на Шпанија играше на позицијата пивот, неговиот последен клуб беше Сиудад де Логроњо, каде што од играч стана помошник на главниот тренер на клубот. Со шпанската репрезентација на Светското првенство во Тунис (2005) го освои златниот медал, а во својата колекција на медали има и бронза од континенталниот собир од 2006, Олимписките игри од Пекинг (2008) и Мундијалот од 2011 година, кој беше одржан во Шведска.
Гарабаха пред да стане помошен тренер во египетската репрезентација, краток период беше во Кина каде што работеше со 16-годишни девојчиња и беше вклучен во процесот на создавање на тимот за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Тој го напушти овој проект бидејќи имаше несогласување со локалната федерација.