Ристовски: Вардар почна да создава македонски играчи

Екипата на Вардар во последниот натпревар од Суперлигата за оваа сезона одигра рутински против Тиквеш, 37:25, со што ја освои јубилејната 15-та титула во својата клупска историја.

Пред две недели, ракометарите на Вардар го освоија и Куп трофејот во Кавадарци и сезоната ја заокружија на најдобар можен начин, иако, не се покажаа во најдобро светло во Лигата на шампионите.

Голманот на Вардар, Борко Ристовски, истакна дека е задоволен од целата ангажираност на сите играчи во Вардар, а најмногу го радува фактот што старо – новиот шампион на Македонија полека, но сигурно создава македонски играчи.

„Мислам дека имавме една турбулентна сезона, во која што имавме подеми и падови. Сепак, на крајот тимот на Вардар ја покажа својата големина и ја одбранивме дуплата круна. Јас сум посебно горд на овие играчи бидејќи се издигнаа кога најмногу требаше, посебно по лошиот кикс против вториот тим на Еурофарм Пелистер, но и со првиот тим во Скопје. На крајот, покажавме карактер и пред сѐ, квалитет. Мене ме радува фактот што Вардар почна да создава играчи, кој во минатото го немаше тоа. Тука е Талески, Томовски, младиот Гогов, кој можеби не доби голема шанса, но на тренинзите покажа еден квалитет и напредок и можеме да очекуваме дека од година во година ќе напредува многу. Мишевски има голем простор за напредок, така што Вардар почна да создава македонски играчи“, изјави Ристовски за 24 Ракомет.

Лошата сезона во Лигата на шампионите е заборав за „црвено-црните“, кои за следната сезона ќе бидат посилни со средниот бек Божо Анѓелиќ, десниот бек Нејц Цехте, левиот бек Жилберто Дуарте и кружниот напаѓач, Павел Андреев.

„Ние ќе се обидеме да оствариме подобар резултат во Лигата на шампионите. Имавме некои мали киксови кои ги направивме во годинешното издание, но да бидеме реални, Вардар имаше скромен буџет и во споредба со останатите европски екипи во Лигата на шампионите не можевме да парираме многу“, заврши Ристовски за 24 Ракомет.

Вардар со победа и титула ја заврши сезоната – 15. во клупската историја