Вардар со победа и титула ја заврши сезоната – 15. во клупската историја

На Вардар му требаше било каква победа над Тиквеш во последниот натпревар оваа сезона за да биде првак, а избраниците на Давид Дејвис го остварија тоа на теренот и славеа убедливо против кавадарчани со 37-25.

Вардар додаде уште една титула во колекција, вкупно 15. во клупската историја. Mеталург и Еурофарм Пелистер остануваат на шест освоени титули, а по еднаш шампиони биле Преспа и Борец.

Ова е втора сезона по ред како Вардар освојува двојна круна во Македонија, а вкупно седма титула по ред во првенството.

Поведоа домашните со 3-0, па 7-1 и веќе беше јасно каков ќе биде расплетот на овој натпревар. Се ротираа играчите на двете екипи на теренот, но немаше големи промени на резултатот, па на полувреме се замина со водство на Вардар од 18-10.

Симиќ намали на 18-11 на стартот на полувремето, но потоа низа грешка во нападот на гостите и Вардар со серија од пет гола се одлепи на 23-11. До крајот имаше само рутинско одработување на задачата, иако кавадарчани парираа на моменти.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Тимур Дибиров со десет гола и Филип Талески со седум, додека кај Тиквеш се истакнаа Страхиња Симиќ и Јане Јанчев со по седум гола.