Двата најдобри македонски клубови, Вардар и Еурофарм Пелистер испратија барање до Ракометната федерација на Македонија за бројката на странци во клубовите да остане непроменета и за наредната сезона.
Оваа сезона бројката на странци кои можеа да играат на еден натпревар од Суперлигата беше осум, но требаше да се намали на шест. Сепак РФМ го прифати барањето на скопјани и битолчани, па бројката останува осум.
Остануваат и ограничувањата, но сега од тие осум, пет имаат обврска да бидат репрезентативци во било која категорија во нивната селекција, што не мора да биде во ТОП 15, а останатите три странци може да бидат по произволен избор на клубовите.
„Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија донесе Одлука по пристигнато барање од РК Еурофарм Пелистер и РК Вардар 1961 за бројот на странски играчи да остане непроменет односно како и во тековната сезона 2021/22. УО на РФМ постапи согласно Член 35 од Статутот поради итност на донесување на одлуки согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) и го усвои предметното барање. За натпреварувачката сезона 2022/23 при системот на натпревари при РФМ бројот на странци ќе изнесува 8 (осум), од кои 5 (пет) имаат обврска да се репрезентативци во своите национални селекции во било која категорија, а останатите 3 (три) по произволен избор на клубовите од кои се ангажирани“, се вели во известувањето од РФМ.
Суперлигата во наредната сезона ќе се игра со 16 екипи поделени во две групи по осум, а по регуларниот дел ќе следува плеј-оф и плеј-аут.