На денешното Собрание на Ракометната федерација на Македонија, имаше реакција од македонскиот шампион Вардар. Во отсуство на претседателот на „црвено-црниот“ клуб, Mихајло Михајловски, ставот на ракометниот клуб Вардар го пренес Андрија Нунев.
Тој го прочита соопштението од Михајло Михајловски, претседателот на Вардар кој говореше дека работите во македонскиот ракомет не се толку розови како што се прикажуваат во јавноста, а се осврна и на повеќе теми.
„Како неколку децениски спортски работник, спонзор, претседател на клуб, па и на федерацијата сметам дека треба да истакнам она што сум го забележал без разлика што во последно време постојано се истакнуваат дека работите се розови. А на терен е сосема поинаку. Нашиот клуб навреме не ги доби материјалите за ова Собрание, иако документите се доставуваат 8 до 12 дена пред седницата. Канцеларијата на РФМ имаше доволно време да ги достави до нас. Сметаме дека на РФМ почнува да ѝ недостасува креативност во работењето. Многу малку се работи на реалните проблеми и нивното решавање“, истакна Нунев, читајќи го писмото од Михајловски…
Од Вардар реагираа и на промената на системот во елитните лиги.
Системот на натпреварување секоја сезона се менува. Лигите се зголемуваат, па намалуваат, па се делат, па се спојуваат… и сега има иницијатива пак да се зголемуваат. Тоа е крајно несериозно, и популистички од страна на РФМ. До пред некоја година се правдаше РФМ дека смена на систем се донесува една сезона од напред, па потоа дека поради пандемијата се менува… Не се остава можност клубовите да развиваат стратегија за развој, да планираат. Ние не го подржавме предлогот за проширување што уште на почеток на годинава се заговара. Сметаме дека наместо квалитет се оди на квантитет, се работи на задоволување на барања на одредени клубови. Тоа се популистички мерки да се задоволат одредени клубови. После се буниме кога се распределува спортскиот ваучер, бидејќи сите се суперлигаши, па и буџетот се намалува. “, продолжи Нунев.
Оваа сезона во македонскиот ракомет беа дозволени максимум осум странски ракометари, а од следната сезона нивниот број ќе биде шест. Се коментираше и за пад на репрезентациите и нивните резултати, како и за функционирањето на младинските репрезентации и добиениот спор на Марјан Начевски против РФМ на Арбитражниот суд на ЕХФ.
„Две одлуки на РФМ, на Дисциплинската комисија и на Комисијата за Жалби се прогласени за ништовни, и тоа од Арбитражен Суд на ЕХФ. Тоа е огромен преседан, и никогаш досега не се случило одлуки да бидат поништени од страна на ЕХФ. Се прашувам, какви комисии имаме во РФМ? Како работат? На кој принцип ги донесуваат одлуките? Дали по наредба се носат одлуките или според правилата на РФМ? Како РФМ ќе реагира на ова? Кој ќе понесе одговорност за ваквите грешки кои му носат негативен имиџ на РФМ и на Македонија, а со тоа и на нас како клубови. И на крај, дали и други одлуки на овие комисии се спорни? Тоа го оставам на вас како клубови да го размислите, коментираше Михајловски во писмото кое го прочита Нунев.
Во врска со барањето за ограничување на бројот на странци на осум, од РФМ побараа тој предлог да се испрати написмено до канцеларијата на РФМ, по што тие ќе се изјаснат.