Тренерот на Бенфика Чема Родригез е именуван за нов селектор на репрезентацијата на Унгарија, Родригез во националниот тим досега ја извршуваше функцијата помошник на Иштван Гуљаш.
Родригез седнува на кормилото на Унгарија, а главната цел ќе биде да ја одведе оваа селекција на Олимписките игри во Париз во 2024 година. На клупата тој ќе го наследи Гуљаш кој доби отказ после разочарувачкиот настап на Европското првенство во јануари.
„За мене ова е голема чест што станав селектор на унгарската репрезентација. Благодарен сум на довербата. Настапот на Еуро 2022 се уште е болна тема, тој турнир го започнавме со големи надежи, тимот се подготвуваше две години. Сега започнуваме нов проект со желба брзо да го заборавиме тој резултат. Нашата главна цел ќе биде настап на Олимписките игри во Париз. Исто така сакам да имаме успешен настап во квалификациите за Светското првенство“, изјави Родригез.
Со седнувањето на селекторската позиција Родригез нема да ја напушти Бенфика, паралелно ќе ги извршува двете функции. Договорот со Бенфика на шпанскиот стратег му завршува летото 2023 година.