Куманово со убедлива победа се загреа за дербито против Вардар

Екипата на Куманово дојде до третата победа во плеј-оф фазата од Женската лига откако на гостувањето во Струга кај Стружанка забележа убедлив триумф со 28:20. За Куманово натпреварот против Стружанка беше загревање за дербито против Вардар кое ќе се одигра на 12 март.

Ракометарките на Куманово уште од самиот почеток го покажаа својот квалитет и одиграа на ниво, кое беше доволно за победа. Стружанка парираше само во воведниот дел. По нерешениот резултат од 3:3, екипата на Куманово со серија од 4:0 стигна до водство од 7:3. Тука веќе беше решен победникот бидејќи Стружанка до самиот крај не можеше да направи евентуален пресврт или да дојде до камбек.

Куманово ја имаше расположената Кипријановска, која со своите погодоци ја одржуваше предноста на својата екипа. Во составот на Стружанка освен Делиоска, немаше расположени ракометарки за игра, па така на полувреме резултатот беше плус четири гола разлика за гостинската екипа, 15:11.

Во второто полувреме следуваше одлична серија на Куманово од 5:0 за највисока предност од 20:11. Првиот погодок домашната екипа го постигна во 36. минута преку Делиоска. Во останатите дваесетина минути, кои беа чиста формалност, немаше поголема промена на резултатот.

Најефикасни во победничката екипа беа Јована Кипријановска со осум и Пена Граматова со пет погодоци. Во Стружанка листата на стрелци беше предводена од Магдалена Делиоска со седум постигнати погодоци.

ПозЕкипаНПРЛБ