По пауза од четири години поранешниот македонски репрезентативец Лазе Мајнов се враќа во ракометот, но во нова функција – ќе биде извршен директор на скопскиот суперлигаш Бутел.
Клубот почнува со сериозно екипирање, а доаѓањето на Мајнов е најава за отворање на нова клупска страница.
„ Сакам да се заблагодарам на управата за довербата која ми ја даде да бидам директор во РК Бутел. Драго ми е што по паузата од играчката кариера сега се враќам во ракометот во друга функција, и тоа во клуб од општината каде ги почнав првите чекори во ракометот, изјави Мајнов на промоцијата во клубот.
Бутел сака да функционира на повисоко ниво од досега и да придонесе а развој на ракометот во општината. Се работи на засилувања во првиот тим, во стручниот штаб и секако во сите млади категории. Речиси 90 отсто од екипата останува и следната сезона. Најавени се нови ракометни школи каде клубот ќе работи на создавање на нови ракометари.
„ Ќе се залагаме во општината да отвориме школи во секое училиште и да го подигнеме квалитетот на ракометот. Сакам да придонесам со мои размислувања, со искуството што го имам, се надевам дека би имал поголем успех. Заедно со другите членови би работеле на создавање на квалитетен тим за во иднина, вели Мајнов.
Освен создавање на посилен тим, од Бутел најавуваат и зголемување на играчкиот кадар во сите категории. Целта е во следните 3-5 години Бутел на игра во Лига европа во групната фаза.
„Пред короната имавме почнато проект со школи со млади генерации, кои функцинираа во Бутел и Радишани. И останаа не дореализирани. Сега сакаме тоа да го продолжиме. Има многу деца што сакаат да тренираат ракомет и сакавме како клуб да им излеземе во пресрет, и истовремено да работиме на создавање на нови играчи. Моментно три школи ќе се отворат, во Радишани, Бутел и Визбегово, вели Влатко Тасевски, претседателот на Бутел.
Бутел во моментов е на третото место во плејофот и разигрува за титулата. Остануваат да се одиграат уште девет кола. Најдобриот пласман досега е четврто место во првенството и двапати игравме во квалификации на Лига Европа.