СЕДМЕРЕЦ: Сите во Супер, Металург во Прва!

На сета мака, „металурзи“ на крај пак ќе испаднат „трендсетери“

1.Златни деца и по некој чичко…

Тимот од работничкото предградие, како што милуваше да го кажува Лино Червар кога Металург ја воодушевуваше ракометна Европа, сезонава го снема од европската мапа, а догодина, најверојатни, ќе го нема ни на суперлигашката.

Блокиран од ЕХФ, Металург не ги одигра последните шест натпревари од првиот дел во Супер лигата, а викендов не стартуваше ни во плеј-аут фазата. Долговите останаа и во оние малку пролонгирани рокови, а во меѓувреме, уште еден дел од играчите заминаа, а оние што останаа верни на Металур, вчера заиграа за Металург РА во Прва лига.

Иако официјално „на писмено“ се уште нема ништо за иднината на Металург, ни од клубот, ни од РФМ, сепак, преселбата на стручниот штаб и на играчите од првиот во вториот тим некако ја навестува конечната разврска на сагата поврзана со тимот од Автокоманда.

Преминот на Металург во Металург РА донекаде беше очекуван и донекаде разумен потег во ваква ситуација– играчите да може да играат и покрај блокадата, вториот тим да се засили иако, во однос на пласманот сега веќе и не може нешто многу да се промени, со некоја проекција за следната сезона. Клубот кој годинава слави или требаше да прослави јубилејни 50 години, сепак да опстои, преку Металург РА со „чиста сметка“. Или можеби и пак  со два?

Бидејќи ситуацијата на Металург е малку повеќе специфична, а со актуелните Пропозиции за сезоната 2021/2022, уште понејасна, во „слободно“ толкување на нештата, сагата има различен епилог.

Според првата разврска, блокадата и недоиграната сезона значат и дефинитивно крај за Металург, оној првиот што има шест македонски шампионски титули и две четвртфиналиња во ЛШ. Но, има и неподмирени долгови, нови и стари, тужби и блокади. Епилогот е банкрот и згаснување на клубот.

Другата разврска што следствено доаѓа по онаа првата, е расчистување со првиот и фокус и префрлање на ресурсите во вториот тим, односно во „чистиот“  Металург РА која во наредната прволигашка сезона би се борел за враќање во Супер лигата. Но, само со еден, оној помалиот ваучер од досегашните два, претпоставувам. Бидејќи и тука не се баш најјасни работите.

Третата разврска е онаа што деновиве ја најави претседателката на Металург, Зорица Блажевска, испраќајќи порака „до сите што го испратиле Металург во историја“ да не се радуваат предвреме, оти наредната сезона „ќе гледаат“ не еден туку два тим на Металург.

„Со златни деца и по некој чичко…“, таква е најавата.

Во тој случај, би биле пак два тима со два ваучери, претпоставувам, но и долговите за отплата и ЕХФ блокадата. А, Металург би бил прв клуб во Македонија со две прволигашки екипи на сцената! Прашање е само колку е тоа реално издражана опција и економски исплатлива ситуација во кризни времиња. Но, и колку е силна „базата“во Автокоманда.

2.Трендсетери

Доколку сепак, се реализира таа најава, следната сезона на македонската ракометна сцена ќе имаме една необична ситуација – поранешниот шампион со два тима ќе игра во Прва лига, додека „пола“  Прва лига (или ајде попрецизно 5+1 прволигаши) се префрлаат во Супер по новиот повторно-проширен систем со 16!

Сите се „бутаат“ во Супер, само Металург во Прва! И тоа не со еден, туку со два тима!

Да не е сериозна ситуацијата како што е, ќе биде малку комична. И, на сета мака, „металурзи“, на крај пак ќе испаднат „трендсетери“

Како беше онаа од К-15 – што да се „гужваме“ сега во ЕУ, ќе си влеземе на раат кога сите ќе излезат.

Така сега и Металург. Ќе си играат на раат во Прва лига.

А за догодина, здравје, кој знае уште колку системи ќе се сменат дотогаш. Може ќе снема ваучери па пак сите ќе сакаат да се вратат и да си играат полу-аматерски во Прва… За системите нема гајле, и така ги менуваме како чорапи. И тоа како оние што им ја грешиме бојата на секое првенство, па после плаќаме „пенали“.

3.Без седмерец нема победа

Пеналите пак во игра или седмерците, како сакате, ако не ги погодиш, тогаш тешко се победува. Што мислите, да не погодевме девет од оние легендарните 12 седмерци со Чешка во баражот за СП 2017 како ќе се пласиравме на мундијалот во Франција? Никако.

Македонските ракометарки вчера против Словенија промашија три од четирите на стартот и толку, отиде и играта и самодовербата и на крај и натпреварот кога се заредија грешките.

Македонската репрезентација неделава додаде уште два порази од Словенија и има севкупно резултатски лош биланс од четири порази во сите четири досегашни натпревари  – два со Црна Гора и два со Словенија и два солидни впечатоци на двата меча во гости во ЕХФ ЕУРО Купот. Што носи надеж, но не и бодови иако ова е повеќе ревијално натпреварување за домаќините и шампионот, ослободени од квалификации за следното првенство. А, бидејќи во следната рунда, Македонија е на мегдан со Норвешка, билансот тешко дека може да се поправи колку и да се дуелите само за проверка и за ревија.

Па така во пресрет на ЕП 2022 на кое женската репрезентација на Македонија по десет години се враќа на голема сцена како еден од трите домаќини на првенството, на македонските ракометарки останува да ги поправат впечатокот, да ги намалат грешките, да ги погодат седмерците. На селекторот пак да селектира се што вреди и заслужува да биде дел од националниот тим, да корегира, да најде левак на десно…И да не ги меша „играчите“ и „репрезентативките“.

А, што да прави, не е виновен човекот, го збрлавија – машки тим, женска репрезентација…Едните мора да ги внесе во Супер, со другите мора да направи чудо на ЕП…Не е лесно.