Левиот бек Немања Обрадовиќ и десниот бек Матео Мараш, кои го носат дресот на Еурофарм Пелистер, од лето ќе бидат играчи на унгарската Татабања.
Унгарскиот тим денеска го потврди тоа што беше познато уште одамна, а покрај Обрадовиќ и Мараш уште двајца пелистерци ќе одат на истото место – голманот Секељ и средниот бек Периќ.
„Имам добро мислење за унгарскиот ракомет, за лигата, за инвестициите. Оваа сезона играм заедно со Секељ, кој имаше да ми каже само позитивни работи за градот, клубот, лигата. Не е далеку од Србија, па беше лесно да се одлучам за Татабања да биде перфектно место за мене за следната сезона“, вели Обрадовиќ.
Српскиот интернационалец во Битола ќе мине само една сезона, додека Мараш ќе си замине по две години во македонскиот тим.
„Среќен сум што потпишав за Татабања и едвај ја чекам следната сезона во новата арена, полна со фанови. Амбициозни се плановите, мислам дека е одлично место за мој напредок. Сакам да му помогнам на тимот да ги оствари своите цели и да биде што повисоко на табелата, доаѓаат и многу нови ракометари“, вели Мараш.
Пред да заминат во Татабања, двајцата интерационалци имаат обврски со Еурофарм Пелистер на четири фронтови.
Татабања загуби со 13 гола во Битола, па ги „украде“ Периќ, Обрадовиќ, Мараш и Секељ!