Татабања загуби со 13 гола во Битола, па ги „украде“ Периќ, Обрадовиќ, Мараш и Секељ!

Според унгарските медиуми кои ги потврдија информациите за 24Ракомет, четворица ракометари од Еурофарм Пелистер летово се селат во Унгарија - десниот бек Матео Мараш, средниот бек Јосип Периќ, левиот бек Немања Обрадовиќ и голманот Мартон Секељ. И листата на засилувања нема да застане тука. Унгарците сакаат да направат прво стабилен клуб, а потоа и да се вмешаат во борба за трофеите.

Унгарскиот тим Татабања има големи амбиции за следната сезона во која ќе се обиде да им парира на големите Веспрем и ПИК Сегед. Откако добија голема државна помош и гигантот МОЛ застана зад нив, раководството на Татабања започна со формирање на играчкиот кадар.

Тимот сезонава игра во Лига Европа, а во Битола загубија со 13 гола разлика, 20-33. Битолскиот клуб игра добро во европското натпреварување, па веднаш „влегоа во око“ на другите клубови повеќе нивни играчи. Татабања ги привлече со многу сериозна и богата финансиска понуда што ретко се одбива.

Ако за чуварот на мрежата Секељ се знаеше уште кога дојде во Битола дека ќе се врати во Унгарија наредната сезона поради семејни причини, за другите тројца ракометари понудите стигнаа во октомври лани. Раководството на Татабања било многу упорно, и по препораките добиени за играчите стигнале и високите финансиски понуди. Тие биле драстични повисоки од сегашните.

Унгарците се подготвени да платат и обештетување за младиот Мараш, кој како неафирмиран играч дојде од Втората хрватска лига, и во Битола го имаше скокот по кој го видоа не само менаџерите, туку и многу други клубови. Тој беше и дел од репрезентацијата на Хрватска на ова ЕП 2022. И Секељ и Периќ играа на ЕП, за репрезентациите на Унгарија и на БиХ.

Обрадовиќ и Периќ имаа понуди да останат во Битола, и официјално тие преговори се уште се водат, но унгарските медиуми тврдат дека и двајцата веќе се договориле за трансфер. Покрај четворицата „фармацевти“, Татабања договори и лево крило и кружен напаѓач за следната сезона.

Станува збор за некогашниот пивот на Металург и Пелистер, и актуелен репрезентативец на Унгарија, Петар Топиќ, кој во моментов игра во Балатонфуреди. Хрватот со унгарско државјанство настапи и на последното Европско првенство. Покрај Топиќ, доаѓа и левото крило Кристијан Угалде, кој ја игра последната сезона во грчкиот АЕК Атина.

Битолчани за новата сезона ќе мора засилено да работат на трансфер пазарот и да донесат квалитетни замени. Тимот останува во игра за титулата во домашното првенство, Купот, но и за пласман во осминафиналето од Лига Европа.