Ракометарите на Метарлург РА и Астраион одиграа интересен натпревар кој беше максимално неизвесен особено во завршницата. Домашниот тим подобро се снајде во последните неколку минути и славеше победа од 26:25 во 15. коло во Првата лига.
Во текот на првото полувреме Металург РА имаше водство и контрола на резулатот. Домаќинот на овој дуел имаше највисока предност од 12:6, но до крајот на првото полувреме Астраион успеа да намали и имаше само два негатива, 12:10.
Предводени од Иванче Ончев ракометарите на Астраион во второто полувреме успеаја да израмнат и да стигнат одново до водство после почетното. Натпреварот влезе во неизвесна завршница, а двете екипи имаа можност да стигна до победата. Подобро се снајдоа ракометарите на Металург РА и остварија втората победа во низа.
Најефикасни во победничкиот тим беа Виктор Ангелески и Виктор Крстевски со по шест гола. Убедливо најефикасен на теренот беше Иванче Ончев од тимот на Астраион со 12 погодоци, но и тоа не беше доволно тимот од Струмица да избегне пораз.