Екипата на Феникс АМС во рамки од 2. коло од плеј-аут фазата од Женската лига дојде до првата победа откако на домашен терен беше подобра од Гевгелија со резултат 31:28.
И двете екипи на овој натпревар настапија со само десет ракометарки. Воедно, составот на Гевгелија од клупата беше предводен од поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова, која исто така одигра дел од натпреварот.
Ракометарките на Феникс имаа подобро издание во првата половина од првиот дел. Избраничките на Николче Костовски водеа со 5:0, но во финишот од првото полувреме немаа решение како да го запрат налетот на гостинките од Гевгелија.
По нерешениот резултат од 7:7, ракометарките на Гевгелија преку Петковска за првпат на натпреварот дојдоа до водство од 8:7. Гевгелија речиси до крајот на првото полувреме одржуваше минимално водство од еден до два гола разлика, додека домаќинките во последната минута се изборија за водство и на пауза заминаа со предност од 16:15 .
Почетокот на второто полувреме, исто така, помина во игра гол за гол. Ниту една од двете екипи не успеа да се одлепи на поголема разлика од еден гол, па така во 40. минута резултатот беше 19:19.
Со исто темпо помина и последниот период од натпреварот. Феникс преку Ризоска успеа да дојде до 23:22 откако претходно беше 22:22. Гевгелија со погодоците на Петковска повторно ја врати својата предност, 24:23.
Во последните пет минути се влезе во неизвесна завршница бидејќи и двете екипи имаа шанса за победа. Иако, ракометарките на Гевгелија имаа плус два, 26:24, домашната екипа израмни на 26:26, а на пет минути пред самиот крај дојде до водство од 27:26. Гевгелија не успеа да направи камбек и мораше да го прифати исходот од денешната средба.
Најефикасна во победничката екипа беше македонската репрезентативка Емилијана Ризоска со 14 погодоци. Во поразената екипа, Митрова, Димова, Петковска и Стојмановска постигнаа по шест погодоци.