Игор Котевски јасно даде до знаење дека поборник за македонската „кауза“ и дека за него македонските тренери се секогаш пред странците кога станува збор за селекторско место.
Сепак, потенцира – ракометот не почнал и не завршил со никого – па затоа мора да се изнајде начин како заеднички да се оди напред.
„Ќе потенцирам дека јас сум за Лазаров или за Брестовац… многу повеќе отколку за Обрван, Червар, Вујовиќ, Петковиќ – кој сè не ни беше селектор и вистина не ми е јасно. И на нашите тренери треба да им се помогне во работата со оваа репрезентација. Свесен сум дека секој тренер или селектор си има своја визија и тој си ја носи одговорноста, но репрезентацијата е јавно добро и за неа се грижиме сите. На пример, Данило (Брестовац) го сакам како брат и му реков дека селекцијата на играчи за ЕП во Австрија му е погрешна. Тој тераше по свое и на крајот излезе дека јас сум бил во право. Јас зборувам со факти. Кој е најдобар стрелец во македонско првенство? Давор Палевски, крилото на Пролет. Како може Палевски да го нема на список на репрезентација!? Не може Кузмановски кој игра во Хановер да седи на клупа, а друг да почнува натпревар пред него. Со Лазаров сум играл и сме дружеле, Кире покрај мене растел, игравме заедно во Велес и многу има направено во кариерата и сигурно е голем играч, не верувам дека повторно ќе се роди таков. Но кога станува збор за тренер, требаше да си побара совет. Со Бранче (Ангеловски) бевме цимери во Вардар, сме тренирале, сум му помогнал во кариерата, кога го бараа во Загреб му реков веднаш да одиш, таму ќе ти се отворат вратите кон Европа, но истото се однесува и за него. Многу дадов, многу добив и многу изгубив со овој ракомет и мислам дека имам право и јас нешто да кажам – добронамерно. Немам за цел некого да навредам или да понижам, туку да си помогнеме за заеднички да одиме напред. Со инат ништо не правиме. Секоја чест на таа генерација од Србија за сето она што го даде и направи – длабок поклон и почит за тоа, но ракометот не го измислив јас и тој не престана да се игра кога престанав јас. Како тренер или селектор понекогаш треба да слушнеш и други мислења. Ние сме држава од еден ипол милион луѓе, од кои 500 ракометари, од кои 20 се во репрезентација. Тие се! Ние не сме Германија, која има ракометари колку што ние имаме жители и може да бира колку сака. На нас е да се бориме, да работиме, да им дадеме услови на тие деца и да им помогнеме. Само така ќе си помогнеме и на нас и на македонскиот ракомет!“
Подолу прочитајте го интервјуто со Игор Котевски…
ИНТЕРВЈУ ИГОР КОТЕВСКИ: Металург е борец, како мене – заедно од дното кон нов почеток!