Екипите од Супер женската лига денеска ги дознаа стартните броеви за пролетниот дел од сезоната во кој ќе бидат во две нови групи односно Плеј-оф и Плеј-аут.
Веќе е јасно кои се тимовите што ќе влезат во тесна битка за титулата, а Куманово и Вардар заедно со Ѓорче Петров, Чаир и Металург се тимовите од кои ќе се бара шампионот.
После извлекувањето на стартните броеви стана јасно како ќе се одвиваат натпреварите во плеј-оф и плеј-аут лигата, а ситуацијата е таква што Вардар ќе игра против сите директни ривали за титулата во четири кола по ред.
Слична е ситуацијата и со ѓорчепетровки, додека Куманово, Чаир и Металург имаат за нијанса полесен распоред бидејќи двобоите со директните ривали не им се еден по друг.
Познато е и како ќе се одвиваат средбите од плеј-аут лигата каде што ќе има еден тим помалку. Секое коло ќе има по една слободна екипа, а исто така ќе бидат одиграни 14 кола.
Сезоната продолжува на 12 и 13 февруари, додека новиот шампион ќе биде крунисан на 28 и 29 мај. Во текот на пролетниот дел ќе има две паузи за ЕХФ недели. Првата е од 28 февуари до 6 март, а втората од 18 до 24 април.