Еден од најискусните во репрезентацијата на Македонија, Филип Миркуловски пред дуелите со Израел го искажа своето очекување од овие два натпревари кои се играат утре и задутре.
„Влеговме во последна фаза од подготовките за Европското првенство. Работиме на детали во напад и одбрана. Нѝ следуваат пријателски натпревари против Израел утре и задутре, а на тие два натпревари нашата цел ќе биде да го одработиме она што досега го работевме на тренинзите. Нема подготовка за Израел туку за дуелите со Словенија, Црна Гора и Данска. Најважно е да бидеме здрави бидејќи знаеме добро што се случува со Ковид. Тоа е првенствено во моментов, а за понатаму ќе видиме“, вели Миркуловски.
За ривалите на ЕП вели дека веќе се готви стратегија бидејќи времето до натпреварите се намалува и остануваат уште неколку дена.
„Ги анализираме противниците. Нема уште многу време. Таму ќе имаме ден натпревар ден одмор и тоа значи дека нема да имаме многу време за анализа. Затоа полека мораме да ги анализираме сите ривали и уште сега да ја завршиме задачата“, изјави Миркуловски.
Првиот дуел против Израел е утре, а истиот ќе биде од затворен тип. Овие две контроли ќе бидат финални пред заминувањето за Унгарија.