Во рамките од првото коло од Купот на Словенија, екипата на Велика Недела, која се натпреварува во Третата лига, направи вистинска сензација и обезбеди пласман во осминафиналето откако го декласираше прволигашот Шмартно и славеше со резултат 33:24.
Велика Недела е клуб од село со 300 жители, кое се наоѓа во општината Ормож, североисточна Словенија.
По сензационалната победа, тренерот на Велика Недела, Урош Крстиќ, ги сподели своите впечатоци и истакна дека неговата екипа има добар тим за настап во повисок ранг на натпреварување.
„Чувствата после овој натпревар се прекрасни. Не е лесно третолигаш да победи прволигаш. Воедно, покажавме дека квалитетен ракомет се игра и во третата лига со изобилство на млади талентирани ракометари. За среќа, Шмартно во саботата играше во Ормож, па можевме добро да ја анализираме екипата. Мислам дека имаме доволно добар тим и за настап во втората лига. За следен противник би посакал да ни биде некоја екипа од Првата лига за да видиме до каде сме и да направиме евентуално ново изненадување“, вели Крстиќ за порталот „Рокомет“.
Најзаслужни за високата победа беа одличните Гашпер Пунгартник со десет и Енеј Ковачец со осум погодоци.