Тимот на Келце по поразот од Порто во Лигата на шампионите, се врати на победничките патеки, откако во полскиот шампионат го доби дерби дуелот со Висла Плоцк 27-26.
Беше нерешено на стартот до 4-4, а потоа домаќинот си го фати редот. Избраниците на Талант Душебаев водеа со два до три гола разлика во првиот дел и на пауза се замина со 14-11. Во второто полувреме Висла успеа да намали во неколку наврати на минус еден, но кога требаше да се врати комплетно во мечот, правеше грешки, а тоа Келце го казнуваше.
Во последните десетина минути беше 26-21, домаќините некако се опуштија, па Сердио, Михиќ и Дашек погодија за 26-25. Во следниот напад стрелаше Каралек за 27-25 со беше клучен гол за триумфот, а Косоротов во последната секунда од возбудливиот натпревар ги постави конечните 27-26.
Најдобри стрелеци кај домашниот тим беше Наи со девет гола, а по пет постигнаа Каралек и Сичко, додека голманот Вулф имаше 11 интервенции. Кај Висла се истакна Сердио со шест погодоци. Овој натпревар го судеше македонската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Келце сега има 13 победи на 13 натпревар и 39 бода, додека Висла Плоцк е на второто место со еден пораз и 36 бода. Плоцк ќе има убава шанса на пролетниот двобој да ја надополни негативата од овој меч, ако се претпостави дека двете екипи ќе победат на сите други средби и меѓусебниот дуел ќе решава за шампионската титула.