„Му се заблагодарив на Вујовиќ со кој сите знаат дека јас сум добар пријател, меѓутоа пријателство е пријателство, спорт си е спорт и затоа во меѓусебен договор и се разделивме“, изјави за 24ракомет сопственикот на РК Вардар, Михајло Михајловски.
Македонскиот ракометен првак Вардар од попладнево ја прекина соработката со стратегот Веселин Вујовиќ. Сопственикот на клубот, Михајло Михајловски за 24ракомет објасни дека тоа било најлогично, најбрзо и најбезболно решение.
„Мислев и сега мислам дека имаме квалитетна екипа на која сигурно местото и е петта или шестта во групата во Лига на шампиони. Имавме одличен старт – Елверум, Мешков Брест и го победивме и европскиот вицепрвак Алборг и по тие три натпревари кај нас се јави една еурофорија, можеби и претеран оптимизам, зошто петти или шести, ако добиеме уште некого зошто да не добиеме полесен противник во разигрувањето? Но почнаа да се редат пораз за пораз. Објективно Монпеље не надигра во Скопје и заслужено не победи, но ќе ги коментирам домашните натпревари со другите ривали игравме добро. Со Кил со тројца играчи од прва постава повредени водевме до 40-та минута, тоа е меч кој моравме да го добиеме. Потоа со Пик Сегед игравме квалитетен натпревар на гости, а дома да се одигра така срамно 8-1 почеток и тоа е веќе сигнал дека нешто не штима и дека нешто не е во ред. Не залажа и поразот во Кил, каде Кил цел меч водеше, но ние загубивме само два разлика, игравме квалитетно. По таква игра логично е да се надеваш дека ќе победиш против Загреб и дека ќе бидеме мирни на петто место. Елверум загуби и ќе се доближевме на еден бод, а потоа во последните четири кола имаме поволен распоред. И се случува добиен меч против Загреб да го загубиме. Од една почетна еурофира овие порази паѓаат уште потешко, имаш впечаток дека можеш, а на крај си немоќен во седум кола. Доаѓаме во ситуација што се случува? Зошто е ова вака? Јас и покрај финансиската криза на играчите им обезбедив чартер лет до Загреб, да не биде автобус – изморени се, или пак, да патуваат со редовна линија. Верував во екипата и во поволен резултат во Загреб. А, се случи едно големо – големо разочарување. Јас како претседател на клубот што можев да направам? Имав неколку разговори со Вујовиќ каде го искажав своето незадоволство од настапите, од тактиките… работи кои мислев дека не се во ред. Има можеби и четири-пет играчи на кои не им е место во Вардар, меѓутоа не можам да ги менувам играчите на две кола до крај на полусезоната, а и понатаму да му се дава доверба на тренерот. Најлогично и изнудено решение беше да се смени Вујовиќ. Колку што постои незадоволство од Вујовиќ толку има и играчи кои играат слабо и не го заслужуваат дресот на Вардар. Јас се решив за спогодбена разделба со Вујо, која според мене е најбрза и најбезболна реакција. Му се заблагодарив на Вујовиќ со кој сите знаат дека јас сум добар пријател, меѓутоа пријателство е пријателство, спорт си е спорт и затоа во меѓусебен договор и се разделивме. Не ми беше таа одлука лесна, но морав да ја донесам“, објаснува претседателот на Вардар, Михајло Михајловски.
Незадоволството од прикажаната игра на некои играчи значи дека ќе имаме и промена во играчкиот кадар на Вардар?
„Сега сме сконцентрирани на натпреварите со Пелистер и Бутел, а потоа ќе седнеме да видиме на тие што не им е место ќе им понудиме да си одат и ќе донесеме некој нов играч. Иако за Лига на шампиони да најдеме квалитетни играчи, тие веќе играле во Европа и ќе значи дека нема да може да ни помогнат за четирите кола од групната фаза, туку ќе треба само за еден или два натпревари во разигрувањето. Ќе направиме анализа и ќе донесеме одлука“, додава Михајловски.