Обрван: Ме фаќа страв за натпреварот против Вардар…

Ракометарите на Загреб во рамките од 10. коло во Лигата на шампионите за противник го имаат македонскиот шампион Вардар. Тренерот на Загреб, Ивица Обрван, кој беше селектор на македонската репрезентација, одлично ја познава ситуацијата во „црвено-црниот“ табор и сигурно ќе има спремно добра тактика за овој важен дуел.

Искусниот стратег на клупата на Загреб очекува тежок натпревар, но смета дека неговата екипа е во минимална предност заради добрата серија и форма од последните натпревари.

„Вардар е тежок противник, овој натпревар излегува од кругот на Лигата на шампионите, добива и регионален карактер. Ќе биде интересен и многу тежок натпревар и за нас, но и за Вардар. Шансите ни се подеднакви, иако сме домаќини. Верувам во тимот и играчите. Се чувствуваме силни, полусезоната е при самиот крај и играчите малку се зафатени со секојдневни обврски и патувања, но ние сме во позитивна серија на натпревари и бодови. Отсуството на некои играчи предизвика останатите од тимот повеќе да се трошат, а со враќањето на тие играчи стигнавме до четири бодови“, изјави Обрван.

Тој истакна дека на дуелот меѓу Загреб и Вардар ќе се појават две различни концепции. Очекува освојување на два бода и скок на 6. позиција на табелата во Групата А.

„Како тренер сакам да истакнам дека се плашам од овој натпревар, а тоа го гледам како добра работа. Се среќаваат две различни концепции, на една страна се странци, а од друга страна еден хрватски концепт со еден вистински странец (Чаба Лејметер ). Тоа се две сосема различни концепции. Сите ќе бараме победа за да испратиме вистински божиќен подарок и во тој случај би биле среќни затоа што со шест бода би дошле до шестото место во нашата група“, заврши Обрван.

Натпреварот меѓу Загреб и Вардар се игра в среда со почеток во 20:45 часот.