Ракометарките кои се дел од женската сениорска репрезентација на Македонија утре заминуваат за Србија каде што в сабота и в понеделник ќе одиграат две контролни средби со селекцијата на Србија.
Натпреварите ќе се играат во Стара Пазова, а ова ќе биде одлична можност за да се проверат силите и да се крева формата.
„Терминот за првиот натпревар кој го договоривме е сабота во 17:30 часот, додека за вториот ќе го договориме таму. Се игра в понеделник, а најверојатно ќе биде 12 часот за да можеме да одиграме и потоа да се вратиме назад истиот ден“, вели селекторот Љубомир Савевски за 24 Ракомет.
Целта на овие две контроли е да ја покажат формата на девојките на кои ќе може да се смета во иднина и да се види колку е разликата во играта кај нив после двете средби против Црна Гора во рамки на ЕХФ неделата.
Не треба да се заборави и тоа дека Македонија е прва резерва за Светското првенство во Шпанија и доколку некоја земја се откаже ќе има можност да игра на Мундијалот. Шанси за настап сè уште постојат така што треба да се одржува формата и девојките да бидат подготвени доколку дојде можност за настап.