Ако брзо не се најдат пари, и бидат исплатени играчите поранешниот македонски ракометен првак Металург се соочува со губење на натпревари со службен резултат, и со неизвесна клупска судбина, па дури и најцрни сценарија. Играчите стапија во штрајк и нема да тренираат додека не им бидат исплатени договорените плати.
Следен натпревар на кој Металуг треба да настапи е гостувањето кај Пролет на 28 ноември. Ако нема друго сценарио, тогаш клубот ќе го загуби натпреварот, а доколку не се појави на два натпревари по ред, ќе биде исфрлен од лигата и преселен во најнизок ранг на натпреварување.
Поради беспарица, долгувања, ветувања кои не се исполнети сезонава многу ракометари заминаа, па така браќата Њокас воопшто не заиграа на официјален меч за тимот од Автокоманда, и се преселија во Вардар, а си замина и Французот Мане. Претходно од клубот заминаа многу ракометари, исто така поради беспарица. Се откажаа од настап во европските купови.
Во домашното првенство по 11 одиграни кола, Металург е на делба на 8. место со 12 бода и се наоѓа во групата на клубови што би играле за опстанок.
Играчите не сакаат јавно да коментираат колку се долгувањата на клубот, но потенцираат дека се повеќе месеци во прашање. Сите си го бараат своето чаре, и веќе бараат нови клубови. Долгувања има уште од лани, а сезонава клубот повторно е во минус.
Клупската интернет страница одамна не работи, а социјалните мрежи не се користат, па управата ги извести за медиумите блиски до клубот за ситуацијата, но кажувајќи ја единствено сопствената страна.
„Денес добив известување дека играчите од првиот тим и стручниот штаб се повлекуваат од тренинзи и натпревари до исплата на обврските.
Како Управа не ги поддржуваме овие мерки. Поаѓајќи од познатите премрежија во блиското минато на Клубот, сметаме дека ваквиот начин нема да смени ништо. Напротив, ќе донесе нови проблеми и уназадување на работата на индивидуален план кај играчите, кај Клубот како тим и колектив, а и на поширок план во Суперлигата, воопшто.
Ние како управа апсолутно ќе ги почитуваме нивните Одлуки и ќе ставиме мораториум на сите дисциплински мерки, додека не се реализираат Договорите за исплата на средствата кои ги очекува Клубот. Воедно ќе ја известиме РФМ и останатите засегнати страни (комисии) за новонастанатата состојба и ќе побараме мислење и реакција. Управата на клубот ќе продолжи да се бори во овие тешки услови и ќе го издржи налетот на проблемите и овој пат, ќе ги издржи и казните што произлегуваат од оваа ситуација. Тековната сезона, лошите резултати, во пакет со некои одлуки кои мораа да бидат донесени за да се преброди периодот на транзицијата се сеуште рецидив од сличната ваква состојба која донесе ненадоместлива штета на клубот. Но истакнуваме дека токму во транзиторниот период се вратија обврски на клубот кој се мерат со неколку стотици илјади евра, а се направи реструктурирање чии ефекти се очекувааат на крајот на оваа полусезона и почетокот на наредната календарска година.
Управата на полусезона ќе се направи анализа и ќе се донесат некои одлуки за доброто на Клубот и создавање на здрава средина за младите играчи, како основна цел на постоењето“, вели претседателката на Металург, Зорица Блажеска.