Вардар останува лидер во Супер машката лига и очекувано веќе има осум победи од осум натпревари откако денеска го совлада и Прилеп со 41:24. Во 8. коло немаше никаков проблем да се обезбеди нов триумф така што составот на Вардар дојде до нови три бода.
Од почетокот на средбата беше обезбедено високо водство. Вардар поведе со 5:0 и овие пет погодоци беа сосема доволни за контрола на играта и мирно продолжение на средбата. Гостите намалија на три гола негатива, но тоа беше сè така што не успеаја повеќе во овој натпревар.
Предноста во првиот дел растеше и до седум погодоци, но играта беше без посебно форсирање, па на моменти Прилеп успеваше да постигне 2-3 гола и да намали.
Таквиот ритам донесе 16:11 на полувреме, а потоа во вториот дел после неколку минути мирна игра следуваше доминација на „црвено-црните“ и обезбедување на двоцифрена предност. Во 39. минута, Вардар остана без пивотот Валчак кој беше невнимателен и стартуваше директно во лицето на Казеин Рустамов така што доби директен црвен картон.
Сепак, немаше последици по играта на вардарци кои знаеја како да одиграат до крајот на ниво и да обезбедат победа со висока разлика. Со ова само беше задржан максимумот, па после осум натпревари Вардар има осум победи и цврсто стои на првата позиција во Супер машката лига.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА