После поразот во претходното коло од Вардар, екипата на Пролет се врати на победите откако во 8. коло од Суперлигата славеше победа на гостувањето кај Радовиш со 21:27.
Почетната предност беше на страната на Пролет, отвирија со 1:3 со головите на Пецаковски и Димов, но од другата страна Ристов и Постолов се погрижија Радовиш да го преземе водството во 10. минута кога беше 4:3.
Следуваше период со слаба организација на нападите на Радовиш, имаа исклучен играч, а грешките кои ги правеа беа казнети со брза реализација. Пролет направи серија од четири гола и за првпат стигна до три позитива во 17. минута.
До крајот на првиот дел Пролет успеа да ја одржи најголемата предност која ја имаше во првите 30 минути. Дејан Пецаковски беше расположен за игра и во првото полувреме го водеше својот тим со пет гола, сите од пенал. На паузата Пролет имаше водство од 9:12.
Веднаш на почетокот на второто полувреме се навестуваше победникот на овој дуел, после само шест минути игра резултатот беше 11:16. Тајм-аутот на тренерот на Радовиш вроди со плод и неговиот тим успеа да намали на 15:17, но следуваа исклучувања на Ристов и Вујниќ после кои домаќините жестоко реагираа кај судиите.
Со двајца играчи повеќе, Пролет ја искористи предноста и стигна за првпат до шест позитива од 15:21 во 43. минута. Ова беше клучниот период од натпреварот, Пролет продолжи да ја зголемува разликата и веќе во 50. минута беше сè решено кога поведе 15:24. До крај рутински стигнаа до победата и нови бодови.
Најефикасен во победничкиот тим на Пролет беше Дејан Пецаковски со девет гола, а пет постигна Давор Палевски. Во составот на Радовиш се истакна Александар Вујниќ со седум гола. За одбележување е големиот број исклучувања во домашниот тим, вкупно седум, додека гостите имаа само една суспензија од две минути.